Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се очекува вечерва на седница да го разгледа писмото потпишано од 30-тина членови од партијата со кое се бара конгресот што треба да се одржи викендов, да се одложи за февруари.
Илија Димовски, кој е еден од потписниците на писмото, денеска во изјава за Плусинфо вели дека очекува раководството на партијата вечерва да донесе разумни решенија.
- Ние, потписниците на писмото, очекуваме раководството на партијата вечерва да донесе разумни решенија, кои ќе обезбедат обединувачки капацитет, со цел конгресот да мине во демократска атмосфера, а новиот избран да ја добие поддршката од целокупното членство, вели Димоски.
Повеќе членови на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои основачи на партијата, пратеници и други функционери вчера во јавно писмо посочија дека се фаворизира еден кандидат за претседател на партијата и побараа на претстојните состаноци на највисоките тела на партијата да бидат прифатени предлозите за зголемување на бројот на делегатите кои ќе го бираат првиот човек на партијата и Конгресот да се одложи за февруари следната година.
Дел од медиумите денеска објавија и дека поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски нема да се кандидира за претседател на партијата и оти се повлекува од сите партиски функции.
Од ВМРО-ДПМНЕ не ја потврдуваат информацијата, притоа посочувајќи дека лидерот и сите членови на партиските тела се во оставка.
Попоски се спомнуваше како можен кандидат за лидер на ВМРО-ДПМНЕ.
Досега, јавно, само Филип Петровски најави дека ќе се кандидира за претседателот на партијата, но тој обвинува дека генералниот секретар на партијата Христијан Мицковски ја користи партиската инфраструктура, ресурси и логистика за да добие поддршка од најголем број делегати.
Досегашниот лидер Никола Груевски минатата недела на Фејсбук негираше дека како долгогодишен претседател на партијата ќе поддржи или фаворизира некој од кандидатите за претседатели на партијата.