Христијан Мицковски, генералниот секретар на ВМРО- ДПМНЕ, е единствен кандидат за нов претседател на партијата на вонредниот конгрес што ќе се одржи денеска и утре во Валандово.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштуваат дека членовите на Централниот комитет на вчерашната седница биле информирани оти согласно Статутот на партијата, од двете пристигнати кандидатури, само еден кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ доставил целосна документација до партиската правна комисија.

Втората кандидатура била нецелосна, односно со неа не била доставена листа на најмалку 30 потписи од делегати кои ја поддржуваат кандидатурата.

Централниот комитет ја разгледал и усвоил анализата за одржаните локални избори на која што изминатиов работеше поширок тим, која со одредени сугестии и дополнувања ќе биде доставена на идното раководство на партијата како би се корегирале пропустите во иднина.

Централниот комитет дискутирал и околу актуелната политичка состојба и политиките на актуелната власт.

Претходно, на седница на Извршниот комитет во средата, не беше прифатена иницијативата на Илија Димовски, Антонио Милошоски и други 50-тина партиски функционери и пратеници Конгресот да биде одложен за февруари и за колективно претседателство.

Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ треба да го замени Никола Груевски кој поднесе неотповиклива оставка од лидерското место во партијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2017 21:08