Фактот дека има само еден кандидат за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ е изненадувачки и не е позитивен за партијата, изјави Илија Димовски пред почетокот на вечерашната седница на Централниот комитете на партијата пред вонредниот конгрес што утре и задутре треба да се одржи во Валандово.
– Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Сè уште сме на ставот дека овој конгрес не ги исполнува демократските стандради и од тие причини ниту јас ниту другите имиња кои што се споменуваа во јавноста не одлучивме да поднесеме кандидатура на овој конгрес. Се надевам дека партијата ќе разбере дека е потребен нов концепт и дека е потребен поголем степен на разумност и поголем степен на отвореност – рече Димовски, кој беше еден од триесетмината актуелни и поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои бараа одложување на конгресот, што не беше прифатено од извршниот комитет на партијата.
Димовски изјави дека останува во ВМРО-ДПМНЕ и дека ќе продолжи јасно да зборува за концептот, кој, како што рече, верува дека партијата и нејзините членови го заслужуваат.
Прашан дали очекува фракции во ВМРО-ДПМНЕ, Димовски изјави дека „нема потреба од такви работи“, но, мисли „дека е дојден момент во кој што ќе „можеме и јавно и гласно да проговориме за очигледните разлики во концептите“.
– Мора да се научи партијата да прифаќа и различни ставови по одредени прашања. Мислам дека доволно време помина за да го научиме тоа како концепт кој што може да донесе само добро. Јас останувам дел од партиските тела, денеска ќе присуствувам на централниот комитет – рече Димовски, кој избегна да каже дали ќе учествува на конгресот на партијата во Валандово.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е едиствен кандидат за лидер на партијата, пред почетокот на централниот комитет ги отфрли обвинувањата дека вршел притисок врз делегатите и рече оти очекува успешен конгрес.
– Станува збор за неаргументирани обвинувања. Сите што ме познаваат како човек и како политичар, знаат дека тоа не е точно. Јас целата оваа трка ја водев демократски, беспрекорно со свој тим на поддржувачи, кои што нормално ја промовираа мојата програма и се надевам дека ќе ги убедам делегатите да бидам избран за иден претседател на ВМРО-ДПМНЕ – рече Мицкоски.
Прашан за носителите на иницијативата за одложување на конгресот, тој рече дека станува збор за „прекрасни луѓе кои предонеле многу во партијата и кои што можат да придонесат и во иднина и дека нивниот капацитет ќе биде искористен во периодот што доаѓа“.
На прашањето дали стравува од фракции, Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ била и ќе остане обединета и единствена како партија.