Генералното собрание на ОН денеска, на вонредна седница, со 128 гласови „за“, девет „против“ и 35 „воздржани“, го прогласи признавањето на Ерусалим како главен град на Израел од страна на САД, како неважечко.
Како што јави МИА, претходно американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, се закани дека САД „ќе го запамети денот кога биле нападнати во Генералното собрание на ОН само затоа што го оствариле своето право како суверена земја“, нагласувајќи дека никакво гласање во ОН нема да ја промени американската одлука за Ерусалим.
Таа, им посочи на сите 193 земји-членки во ОН, дека САД ќе се пресмета финансиски доколку Генералното собрание ја усвои резолуцијата со која одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за признавање на Ерусалим како главен град на Израел се прогласи како „неважечка“.
- Денешното гласање ќе влијае на начинот на кој Американците гледаат на ОН и на земјите кои не ги почитуваат САД и ОН, заклучи Хејли.