Антонио Милошоски нема да учествува на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Валандово. Тој за „Макфакс“ вели дека станува збор за лично негова одлука, независно од останатите потписници на иницијативата за одложување на конгресот.
„Моја принципиелна лична одлука е да не учествувам на Конгресот за кој сметам дека има демократски дефицит и нелојална конкуренција за најважната одлука од која зависи перспективата на ВМРО-ДПМНЕ како конзервативна партија. На сите делегати им пожелувам успешен настан и продуктивни одлуки,“ вели Милошоски.
Милошоски не се појави ниту на синоќешната седница на Централниот комитет, откако претходно Извршниот комитет го отфрли предлогот за одложување на конгресот. Покрај Илија Димовски, Борис Змејковски, и Антонио Милошоски е еден од 50-тината партиски функционери кои јавно побараа одложување на конгресот за февруари и формирање колективно претседателство, како и зголемување на бројот на делегатите, поради нелегитимен и недемократски процес за избор на кандидат за партиски лидер, со користење на партиските ресурси и фаворизирање на само еден кандидат.