Според министерот за финансии Драган Тевдовски, Буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството...

Собранието на Република Македонија во рамки на 26. седница попладнево со 62 гласа „за“ ниту еден против и воздржан го донесе Буџетот за 2018 година во кој вкупните приходи се проектирани на 193,5 милијарди денари, а расходите на 211,7 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 милијарди денари или 2,7 проценти од БДП, односно бележи намалување во однос на минатата година за 0,2 процентни поени. Стапката на инфлација се очекува да биде на ниво од 1,7 отсто. Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, Буџетот на Република Македонија за 2018 година е најдобра рефлексија на ангажманот на новата Влада за постигнување на клучните цели и приоритети на општеството повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, владеење на правото, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО.

Буџетот, како што рече министерот, ја покажува цврстата определба на Владата за ефикасно, домаќинско и транспарентно трошење на државните пари.

Во Предлог-Буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/12/2017 02:03