“Ќе останат да ми ѕунат засекогаш зборовите на едни странски врвни експерти во политички кампањи кои ни помагаа во последната изборна кампања, и кои ден по првиот круг на локалните избори дојдоа кај мене да ми го кажат нивното видување на изборниот процес и кои при крајот на кратката елаборација ми рекоа: господине претседателе, една работа сакаме да ви ја кажеме лично која не е пријатна, а тоа е дека додека синоќа доаѓаа изборните резултати кои беа неповолни, во салата за состаноци Тодор Александров во која бевме триесетина луѓе, ваши најблиски соработници, гледавме тага на лицата на многумина од нив, но бевме изненадени што кај еден дел од вашите најблсики соработници видовме среќни лица, среќа која неможеа да ја сокријат. Навистина, драги мои сопартијци, еден дел од моите соработници, и тоа луѓе кои добија многу, пред се доверба и шанси, функции и големи привилегии и почести, во последните месеци неможам да ги препознаам. Но успеав тоа да го задржам длабоко во мене, да ја задржам присебноста и смиреноста, длабоко да се кршам во себе и да оставам сами да се заплеткаат и пропаднат во гробот кој го копаат за друг или во сплетките, дворските игри, лицемерието, дволичноста, неискреноста, алчноста, интригите и предавствата кои ги прават за друг. И така и ќе биде. Исто како низ историјата на ВМРО и Македонија.
Но, за среќа, во ВМРО-ДПМНЕ има многу силни личности, честити луѓе, луѓе со висок морал и капацитет, луѓе кои искрено ја сакаат оваа земја и нејзиниот напредок, и луѓе кои имаат чиста совест, јасна мисла, многу енергија и силни морални вредности. И тие се силата заедно со новите освежувања кои сигурно ќе дојдат, сила која ќе ги надмине предизвиците и ќе ја исправат неправдата која ни се нанесе. “ истакна Груевски во својот говор на 16-тиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.