Стабилни политички партии како ВМРО-ДПМНЕ и како СДСМ, значат и стабилност за Република Македонија. Завршувањето на конгресот на нашиот политички опонент и изборот на нов лидер треба да претставува перспектива и за државата, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

- Очекувам конструктивен процес во Парламентот и критичен осврт од опозицијата. Можам само да му посакам среќа на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и заедно сите да му ја мислиме за Република Македонија - изјави Заев, прашан како го оценува изборот на Христијан Мицковски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан дали има најава за средба со новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Заев рече дека немаат ништо разговарано, но дека првата прилика кога ќе има потреба од средба би прифатил и би го поканил.

Прашан дали очекува ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието, Заев рече дека очекува корегирање на одлуката и враќање во Парламентот, заради тоа, како што рече, пред него има многу сериозни прашања за одлучување.

- Учеството на опозицијата е неопходно за да имаме нормални и демократски процеси. Убеден сум дека опозицијата треба да биде составен дел од сето она што значи реформски процес, но и сето она што значи добри перспективи на Република Македонија. Таму каде што ќе успееме да се усогласиме, го очекувам и нивниот глас, таму каде што нема да се согласуваат со власта да бидат критични и против - рече Заев.

Прашан дали ќе има нова средба со Зијадин Села, лидерот на Алијанса за Албанците, Заев рече дека повеќе од месец разговараат за ова прашање.

- Се надевам дека ако нивната одлука е да останат во Влада, тоа значи прифаќање на потпретседател на Владата на Република Македонија за реформи - изјави Заев.

Посочи дека ниту Арбен Таравари, ниту Зијадин Села го информирале и тој слушнал од медиумите за неговата одлука да оди како кандидат за градоначалник.

- Се работи за политичка партија која што има две пратенички места. Министерството за здравство е еден од најважните ресори во владата и во моментот кога беше понудено при концепирање беше дадена и заради кандидатот. Ние го понудивме местото потпретседател за реформи имајќи го предвид дека навистина е млада партија што ќе сака да се докажува. Верувавме дека тоа може да биде прифатливо за нив - рече премиерот.

Заев денеска беше во Кривичниот суд, поради судењето за предметот „Поткуп“ во кој како градоначалник на општина Струмица е осомничен за барање и за земање поткуп во висина од околу 160 илјади евра. Судењето е одложено за 29 јануари следната година, бидејќи предметот не е пристигнат од Апелацискиот суд кој се уште не одлучил за жалбата за ПИ-мерките во овој случај.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/12/2017 12:04