Премиерот Зоран Заев, по најавата од лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, дека по донесување на законот за употреба на јазиците оваа партија ќе ја напушти владината коалиција, вели дека очекува продолжување на соработката за рефорите во државата.
Како што потенцира, не се оптоварува со тенкото мнозинство во Собранието, кое, според него, било здраво за Македонија, и не планира избори следната година, туку посветеност на ветувањата кон граѓаните.
– По најавата дека излегуваат од Владата останувам само со намерата дека ќе можеме да продолжиме да соработуваме за она што значи реформи, законот за јазиците, ратификацијата на Договорот со Бугарија, „двотретинските“ закони , за одговорноста за унапредување на севкупниот квалитет на животот во Македонија, рече премиерот Заев при денешниот престој во Прилеп, коментирајќи ја изјавата на Села.
Колку ќе се однесуваме одговорно, додаде Заев, така ќе не ценат граѓаните на следните избори, оквалификувајќи ја како „инсинуација и глупост“ изјавата на Села за економски договор меѓу СДСМ и ДУИ за Министерството за здравство.
Во Владата, посочи Заев, се пополнија испразнетите места, меѓу кои и изборот на министер за здравство, а со политичките партии ќе продолжиме да разговараме за суштинските прашања.
– Министерството за здравство не припаѓа на ниту една партија, па ниту на СДСМ, уште помалку на помалите партии. Тоа е суштинско и ги опфаќа интересите на сите граѓани. Најбитно е да се доведе квалитетен кадар, а тоа е новоизбраниот министер Венко Филипче и убеден сум дека ќе има позитивни резултати. До ваква ситуација дојдовме кога Таравари, без да разговара со никого, објави дека се кандидира за градоначалник на Гостивар, укажа Заев.
Прашан како ќе се справи со проблемот со „тенкото“ мнозинство во Собранието кое се покажа и при изборот на државниот јавен обвинител Заев рече дека е тоа здраво за Македонија и оти не се потребни нови диктатори кои апсолутно владеат во државата.
– Тенкото мнозинство беше и при формирањето на Владата, но тоа е демократија. Јас сум растоварен од тоа. Она што е важно дека јас како премиер не планирам 2018 година да има избори, туку да го оствариме тоа што им го ветивме на граѓаните за подобар живот. Треба да ги покренеме економските параметри на повисоко ниво и да им го подобриме животот на граѓаните кои и го очекуваат. До претседателските избори во 2019 година треба сите да се посветиме, власта и опозицијата, да одработиме за граѓаните, изјави Заев кој со министерот за земјоделство Љупчо Николоски ги посетија откупните пунктови за тутун во Криовгаштани и Тутунскиот комбинат во Прилеп.