„Патот до помирувањето во Македонија води преку правдата, а патот до правдата води преку вистината.
Гледајќи наназад, не само во изминатата 2017 година, туку во изминатите 26 години, ќе забележиме една правилност. Секогаш кога Република Македонија се наоѓала пред клучни одлуки и решенија за кои е неопходен општествен консензус, се јавувале или политички или безбедносни кризи. Кризи кои ја поткопувале довербата, ги парализирале институциите, го делеле општеството и го менувале државното уредување.
Причините за овие кризи се повеќедимензионални. Од блокадите на нашиот европски и евроатлантски пат, преку партизацијата на институциите, па се до бирократизацијата на партиите на власт. Но, речиси сите политички и безбедносни кризи низ кои мина и низ кои сè уште минува Република Македонија имаат еден заеднички именител.
Последнава политичка криза беше можност тој заеднички именител да се разоткрие, демистифицира и конечно, да се деконструира. Овој генератор на политички и безбедносни кризи е препознаен и јасно посочен во итните реформски приоритети на Европската Унија, односно извештајот на Прибе. Цитирам: „Причините за долготрајниот скандал во Република Македонија може да се бараат како во концентрацијата на власт во рамките на националната безбедносна служба (УБК) и во лошото функционирање на механизмот за надзор над УБК.“
Со други зборови, жариштето на речиси секоја, па и на оваа политичка криза во Македонија е лоцирано на едно место, а тоа е Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка.
Од 2015 година до денес препораките на Прибе не се имплементирани. Тоа е основа да се сомневаме дека сè уште постои злоупотреба на системот дека сè уште се монтираат случаи и дека сè уште надлежни институции не постапуваат во согласност со своите законски надлежности.
Уште Алберт Ками рекол дека „ниту една значајна и вредна работа не се воспоставува на лага... Токму каде што се множи лагата, се најавува тиранијата, или таа се продолжува, при што лагата нужно завршува во омраза; лагата е робување на омразата.“ Но, за жал, ние сè уште сме заложници на оние кои со години монтирале случаи и креирале докази за да докажат лаги, без да сносат никаква одговорност за тоа. Прв чекор кон помирувањето во Македонија е да се сопре и демонтира машинеријата на лаги и злоупотреби.
Не случајно, повеќе од една година упорно повторувам дека приоритет на Владата мора да биде системска реформа во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија.
Некој ќе каже дека тие реформи веќе се во тек. Се предлагаат закони за основање на Оперативна техничка агенција и за следење на комуникациите. На прв поглед, се имплементираат ургентните реформски приоритети на Унијата.
Сепак, тука има неколку проблеми.
Прво, во овој процес отсуствува вклученост и дијалог со субјектите кои носат одлуки за реформите во УБК.
Второ, гледаме парадокс: оние кои треба да се реформираат, сега ни ги водат реформите. Оние кои доаѓаат од театарот на генерирање кризи, сега ни нудат решенија за излез од кризи. Семејните врски и конфликтот на интереси на персоналот во УБК се основа за злоупотреба и несовесно работење во службата.
Трето, со предлог-законските решенија не се отстрануваат забелешките на високите експерти на Европската Комисија. Можноста за злоупотреба и несовесно работење останува непроменета.
Милан Кундера, ваквиот однос би го дефинирал како неподнослива леснотија на владеење со наследените механизми кои континуирано се злоупотребувале во минатото. Или, да го парафразирам Блез Паскал: ако една држава не е способна да му даде сила на праведниот закон, тогаш таа држава ќе ја озакони неправедната сила.
Како Претседател, сакам да видам неодложно спроведување на реформите. Во интерес на времето, решенијата се наоѓаат во постојниот Закон за внатрешни работи, каде одговорното лице уште сега може да иницира измена на внатрешните акти за да ја промени структурата на УБК и да го издвои Одделот за оперативна техника како самостојна организациона единица во состав на МВР. Ништо не го спречува уште сега да пропише посебни услови за работните места на полициските службеници, кои вршат и водат постапки за следење на комуникации и полициски операции. Со тоа веднаш ќе отстрани дел од суштинските забелешки на Прибе до наоѓање на општоприфатлив модел за следење на комуникации.
Научените лекции од минатото посочуваат дека отсуство на ветинг- процедури и кодекс на професионална етика во комбинација со семејни врски меѓу високите политичари и високите функционери во УБК е формула за злоупотреба на службената положба и несовесно работење.
Субјектите на системот за национална безбедност и одбрана, но и дипломатијата, мора да воведат кодекс на професионална етика за превенција на конфликт на интереси меѓу персоналот и член на неговото потесно семејство со странски амбасади, странски корпорации, граѓански организации и фондации кои се приматели на странска помош.
Понатаму, безбедносната проверка во пракса се покажа како селективно средство за елиминација на неистомисленици и конкуренција. Неспорна е користа од полиграфското тестирање во вршење на безбедносна проверка. Затоа, одговорните лица кои управуваат со државните органи мора да спроведат мерки за враќање на довербата во институциите.
Конечно, ништо не ги спречува одговорните лица кои управуваат со институциите да иницираат измена на актите со кои се пропишува систематизација на работните места и употреба на средства и методи за да спроведат рамка за имплементација на ветинг-процедури со задолжително полиграфско тестирање и форензика врз персоналот и изворите. Целта е контрола на интегритетот и професионалната оцена заради спречување на злоупотреба, односно не спроведување на законската надлежност.
Затоа, ако навистина сакаме да се помириме, треба да ја вложиме енергијата во системските реформи во согласност со препораките на Прибе. Очекувам Владата како предлагач и Собранието, внимателно да го проучат извештајот на Прибе и дословно да ги применат препораките за контрола над службите за безбедност. Ако навистина сакаме европска иднина, тогаш мора да ги примениме препораките на Европската Унија.“ - истакна Претседателот Иванов на годишното обраќање во Собранието на Република Македонија.