„Споделената надлежност што како Претседател ја имам со Владата подразбира дека треба да сме упатени заедно да работиме за решенија за доброто на граѓаните и да ги штитиме државните интереси. Разбирливо, на врвот на нашата заедничка агенда се интеграциите.
Минувајќи низ исклучително сложен внатрешно-политички период, за Македонија најголем приоритет беше да опстои на европскиот пат. Затоа во однос на надворешно политичките активности, Република Македонија континуирано придонесува во зацврстување на националната и европската агенда во чиј фокус е интеграцијата и безбедноста на европскиот континент.
Пред предизвиците поставени од внатрешната криза и потребата за унапредување на меѓусоседските односи, Република Македонија годинава беше посветена на две паралелни стратегии. Со внатрешни реформи и надворешна кохезија треба повторно да ја постигнеме позицијата на регионален лидер. При сите активности и средби ги потврдувавме и унапредувавме партнерствата и укажувавме на политичката подготвеност за постигнување на внатрешно политичка стабилност и регионална соработка.
Очекуваме Европската Унија да ја потврди својата политика на отворени врати. Република Македонија заслужено очекува на следниот самит да добие безусловена препорака и отпочнување на преговорите за полноправно членство. Со овој чекор, Унија de jure ќе ја препознае рамноправната и партнерската позиција на нашата држава кон градење на обединета, слободна и мирна Европа.
Покрај европската интеграција, Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив стратешки партнер на НАТО Алијансата. Наредната 2018 година ќе се навршат две годишнини поврзани со НАТО: 25 години од едногласната одлука на Собранието од 23 декември 1993-та за стапување на Република Македонија во НАТО. И, 10 години од големото изневерување на нашите надежи на НАТО Самитот во Букурешт. Наредната 2018 година е можност НАТО да ја исправи неправдата од Букурешт. Тоа е историска шанса конечно да го завршиме она што го започнавме пред четврт век.
Сè додека мнозинството на граѓани ги поддржуваат овие стратегиски цели, ние сме должни да ги почитуваме. Но, треба да имаме предвид дека краткорочните интереси на нашите партнери не секогаш кореспондираат со интересите на Република Македонија.
Амбивалентноста кон Македонија денес е основа за нови кризи утре. Единствен начин Македонија да се врати во нормала е ако час поскоро влезе во НАТО и добие датум за почеток на пристапните преговори со Унијата.“ - истакна Претседателот Иванов на годишното обраќање во Собранието на Република Македонија.