Централното прашање со кое се соочува секое општество и секоја држава е дали слободата и поредокот можат да опстанат заедно. Тензијата меѓу слободата и поредокот се надминува само на еден начин, а тоа е преку праведни и општествено прифатени закони. Законите, пак, создаваат општествена реалност, дефинирајќи што е правилно и прифатливо, а што не е.

Реформаторот можеби е во право за она што е погрешно, но, не секогаш е во право за она што е правилно. Едно од тие прашања е Законот за употреба на јазиците.

Со овој закон, заради краткорочни политички поени се доведуваат во прашање трајните интереси на Република Македонија и македонскиот народ.

Прво, барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Рамковниот договор, каде се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија.

Колку што е опасно неспроведувањето на Рамковниот договор, толку е опасно и излегувањето од рамката што тој ја предвидува. Ќе потсетам дека Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти. Тоа е она по што сме различни од другите.

Второ, за еден предлог-закон да има европско знаменце, неопходно е да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата. Таква директива не постои. Со овој закон Република Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара.

Трето, нема прецизна терминологија околу тоа што е официјален јазик, службен јазик и јазик во службена употреба. Ваквата непрецизност неминовно ќе се одрази на имплементацијата.

Четврто, законот е репресивен.

Петто, оние кои тврдат дека предлог-законот е во согласност со Уставот и законите, ќе ги прашам: во согласност со чиј Устав и чии закони? Како Претседател во мојот Кабинет имав консултации со правни експерти, уставни судии, академици, универзитетски професори, лингвисти. По извршените консултации можам да кажам дека Законот за јазиците не преставува закана по македонскиот јазик. Тој преставува закана по унитарноста на државата. Овој предлог-закон го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија. Кога ќе се прекршат големите закони, не добивате ниту слобода, ниту анархија. Наместо тоа, добивате многу мали закони за да го оправдаат кршењето на големите закони.

Наместо во духот на дијалотот, вклученост и соживотот да градиме мултиетничко општество преку општоприфатени закони, ние носиме репресивни закони без политички дијалог, без вклученост на научната и експертската јавност.

За прашања кои задираат во унитарниот карактер на Република Македонија, за прашања кои задираат во правата и надлежностите на системските закони, мора да постои вистинска јавна дебата и најширок можен консензус.

Охрабрува што новата Влада најави дека конечно, во 2019 година ќе се спроведе попис на населението. Тоа ќе ни овозможи да добиеме реална слика за внатрешно-политичка состојба и основа за правата и обврските на граѓаните и државата.

Мојата одлука за Законот се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците мора исклучиво да биде во согласност со Уставот и усогласен со законите на Република Македонија.

Јас сум Претседател на сите граѓани и сакам унапредување на употребата на јазиците на сите заедници, вклучително и на албанскиот јазик. Затоа, ги повикувам лидерите на сите парламентарни партии прво да ги слушнат експертите и да направат квалитетен закон што нема да биде оспорен. Ги повикувам да направат закон што ќе понуди сеопфатно решение што вистински ќе ја унапреди употребата на јазиците, без притоа да создава поделби.

Денес, со примена на современи технологии и дигитални платформи веќе има и решение за унапредување на употребата на јазиците без притоа да се предизвика бирократска парализа и поделба. Само така сите ние од овој процес ќе излеземе и посилни и посплотени.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2017 13:53