Во периодот на новогодишни и божиќни празници кога кај сите нас преовладува чувство на среќа и радост и кога хуманоста го достигнува својот максимум, секогаш постои личност или личности кои ќе не потсетат дека тоа чувство го немаат сите подеднакво. За жал, негативните постапки на одредени персони не спуштаат на земја за да размислиме дека во нашата држава, во нашиот град живеат луѓе – нелуѓе кои со својата (не) култура му го прават животот потежок на својот другар, пријател, комшија, колега...
Ако градот Скопје во 1963 година по земјотресот го добил епитот на град на хуманоста и солидарноста, жално е што деновиве сме сведоци на случки од секојдневието во кој лица со физички хендикеп неможат да живеат нормално заради токму тие луѓе-нелуѓе (иако имаме право и да ги наречеме со други неубави зборови).
Мината недела на социјалните мрежи се појави видео од строгиот центар на Скопје, поточно пред Министерството за правда каде што инвалидно лице со помош на придружник немаше избор и немаше начин како да ја продолжи својата траса по тротоарот, според закон и правила, предвиден за пешаци, од паркираните коли со вклучени четири жмигавци (стандардна варијанта, за да не ви пишат казна) кои си ги вршеа своите обврски, додека на некој друг, истото тоа што тие го правеа, во случајов му го загрозија...
И кога помисливме дека станува збор за изолиран случај (барем на момент, не земајќи ги в предвид секојдневните, повторуваме СЕКОЈДНЕВНИТЕ, слики на социјалните мрежи и на фејсбук групата Ѕид на сообраќајниот срам на кои сме сведоци како автомобили се паркирани на места видно обележани и наменети за инвалидни лица) во текот на вчерашниот ден фејсбук „ѕидовите“ беа преплавени со слики од инвалидно лице во количка кое поради непрописно паркираните автомобили на јужен булевар, неможе и нема начин како безбедно да го помине овој дел од булеварот.
Сето ова го разбуди бесот во сите нас и на овој начин сакаме да го изразиме револтот кон ваквите случки кои за жал добиваат на интезитет, наместо да исчезнуваат.
Да ги отвориме срцата, да подадеме рака, да размислуваме рационално, да почнеме да делуваме. А културата. Ако ја немаме, да ја научиме барем до тоа ниво да не им го отежнуваме животот на оние на кои и онака не им е лесен.
Редакција на Makpress.mk