Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во изјава пред Кривичниот суд каде што за следната година беше одложено судењето за насилството во Општина Центар, рече дека предметите на СЈО се без докази и дека со тоа Заев му се одмаздува за 11 години порази.
– Ништо ново во однос на овие предмети кои Власта и СЈО ги туркаат. Ова е непринципиелна хајка и политичка одмазда. Се измислија обвиненија без докази. Потоа нелегално стекнатите материјали станаа докази. Последниот чин беше да ги сменат и судиите. За разлика од овие судења, видовте што се случува со судењето на Заев каде што судијката му се извинува. Заев ми се одмаздува за 11 години порази – изјави Груевски.
Поради прераспределувањето на судијката Татјана Михајлова, судењето за случајот насилство во Општина Центар во јуни 2013 година покренат од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска беше одложено за 2 февруари во 10 часот.
Обвинителот на СЈО, Гаврли Бубевски, рече дека нема пречки судењето да почне од почеток.
– Ова судење си имаше две признанија на вина, кои имаат правосилни одлуки. Вкрстеното испрашување на господинот Жерновски е специфичен процес што не би требало да се повторува уште еднаш, заради одговорите, и затоа е поцелисходно да се одложи сега, затоа што предметот ќе го преземе друг судија -изјави Бубевски.