Алијанса за Албанците и дефинитивно ја напушта коалицијата со СДСМ и ДУИ. Замениците министри за надворешни работи Арта Точи и за транспорт и врски Ремзи Мемети си поднесоа оставки. Иако пред само неколку дена Села рече дека останува во редовите на извршната власт додека не се донесе законот за јазиците, сепак се предомисли и го напушта бракот во власта со Заев и Ахмети. Причина било што првиот под притисок на вториот не го испочитувал договорот кога ја позиционираа владејачката коалиција.

„Другата причина е законот за јазиците, кој сѐ уште не е донесен. Законот е ставен на дневен ред на собраниска седница која ќе се одржи најдоцна на крајот на јануари“, вели Села во изјава за ТВ Телма.

Села се надеваше до последно на ресорот здравство. Но откако во понеделникот Заев го предложи во Собранието, а подоцна и беше изгласан Венко Филипче, уследи крајот на коалициската приказна. Сега и дефинитивно попуштија стаклените нозе на кои се држеше парламентарното мнозинство. Сепак на Заев ни на памет не му паѓаат предвремени избори. Барем така изјави вчера.

Дали тоа значи дека Заев има план Б? Веќе подолго време се шпекулира за можноста и ДПА сега да прејде во коалиција со СДСМ и ДУИ со што сепак ќе се задржи мнозинството во законодавниот дом. Тука е и Чедомир Саздовски кој го напушти ГРОМ и порача дека ќе функционира како независен пратеник, но и Амди Бајрам кој ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ.

Замениците министри од партијата на Села утре и официјално ќе ги поднесат писмените оставки.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2017 21:50