Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев денеска ја претставија финалната верзија на Планот за економски раст што е усвоена од Владата и во која се вградени сите забелешки и предлози од експертите и јавноста дадени на јавните дебати што се организраа во изминатите три месеци.

Планот, составен од низа на мерки за поддршка на економијата, од утре ќе биде достапен на веб-страницата на Владата и ќе биде претставен пред сите стопански комори. Со него се воспоставуваат исти услови за домашните и странските инвеститори, кои ќе важат подеднакво и во зоните и надвор од нив, има транспаренти услови и критериуми за поддршка и дава поддршка за зголемување на соработката меѓу домашните и странските компании, како и за зголемување на извозот во светот и во регионот.

– Дебатата беше многу корисна и можам да констатирам дека имаме финален документ – сериозен план за раст во кој се интегрирани сите забелешки и предлози на експертите и пошироката јавност. Врз основа на овој документ Владата ќе изработи и предложи законско решение кое ќе го уреди начинот на реализација на овој план на системски начин, рече премиерот Заев на денешната прес-конференција.

Тој нагласи дека се очекува постапката да заврши до крајот на февруари идната година и по донесувањето на завршните сметки од март компаниите да можат да аплицираат за мекрите и придобивките што ги нуди планот.

– Спроведувањето на Планот за економски раст ќе овозможи одржлив развој на економијата. Од 2018 година започнуваме процес за финасиска стабилизација и развој на економијата, рече Заев.

За таа цел, додаде во буџетот, за 2018 година се определени 3,1 милијарда денари или 50 милиони евра за програмата за економски развој, односно за 46 отсто повеќе од годинава. Дополнително се определени и уште една милијарда денари за активните мерки за вработување.

Вицепремеирот Анѓушев посочи дека Планот за економски раст се темели на три столба од кои првиот е за поддршка на сите економски оператори, вториот за компаниите кои освојуваат нови пазари, а третиот е наменет само за малите и средните претпријатија, кои можат да ги користат и мерките од првиот и вторито столб. За да ги користи мерките секоја компанија треба да оставри поголем приход во изминатата година од претходните три и да не го намали бројот на вработени.

– Планот за економски раст е подлога која ќе обезбеди раст на економијата и доколку биде препознаен од инвеститорите очекувам проектираниот раст на БДП од 3,2 отсто за наредната година да биде повисок, рече Анѓушев и додаде дека со овој план странските инвеститори кои се веќе присутни во земјава ќе добијат повисока поддршка од претходно.

Тоа, како што кажа, го покажале симулациите според кои од 13-те компании присутни во ТИРЗ, 12 би добиле повисока поддршка од кои некои и за 214 отсто, а само една пониска, додека од останатите 14 странски компании кои работат во земјава само две би добиле пониска поддршка. Тоа, како што кажа, се компаниите на кои им било дозволено да не ги плаќаат и социјалните придонеси.

Планот за економски раст, потенцира, е посебно поддржувачки за македонската дијаспора.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/12/2017 22:03