Статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ започна постапка за измена и дополнување на Статутот на партијата, согласно заложбите на новиот претседател на Христијан Мицкоски, соопшти ВМРО-ДПМНЕ. Членството се повикува да се вклучи со свои предлози.

Целта, како што се посочува е зацврстување на партиските органи, нивната независност и дополнителна демократизација на партијата.

– Врз основа на фактот што внатрепартиската иницијатива за реформи во текот на месец јуни 2017 година има доставено до Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Предлог-Декларација за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ и Предлог-измени на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, ги повикуваме со свои претставници да земат учество во работата на Статутарната комисија, со цел усогласување на ставовите за предметните измени, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Се повикуваат сите тела на партијата, како и членови кои што сакаат да учествуваат во процесот на демократизација на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ со свои предлози да се обратат до Статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ.

– Целта на ваквата постапка е постигнување на поголема ефикасност на делувањето на органите на партијата, зајакнување на партиските органи, и поголема независност во донесувањето на одлуките од страна на истите. Секоја промена ќе биде направена низ процес на отворен внатрепартиски дијалог и консултација, како и користење на позитивните искуства на демократските десничарски сестрински партии од Европа, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/12/2017 19:41