Министерството за финансии ќе го менува Законот за игрите на среќа и за забавните игри. Во образложението на предлог-законот пишува дека според постојниот закон, во клубовите со автомати се поставуваат машини што се постари од 15 години. На приредувачите на игри на среќа никој не им гарантира за исправноста и функционалноста на увезените автомати. Учесниците во игрите на среќа играат на застарени и амортизирани автомати наместо на автомати не постари од една година, пишува во образлоежнието.

Во согласност со постојното законско решение приредувачите на игри на среќа во клубовите со автомати со добивањето една лиценца имаат можност да отворат неограничен број деловни простории. Овој начин им носи бенефит само на приредувачите, на кои им се овозможува со плаќање надоместок само за една лиценца да отворат голем број деловни простории, а има негативни ефекти врз буџетот поради помалку остварените приходи по оваа основа.

Помали приходи во буџетот се остваруваат и за приредуваење на игрите на среќа во обложувачниците. Со цел да се регулира увозот на автомати (не постари од една година), во предлог-законот ќе се уреди издавањето лиценца на правни лица што ќе вршат увоз и дистрибуција на автомати. Со овој предлог-закон кај приредувачите на игрите на среќа во клуб со автомати се враќа лиценцирањето на секоја деловна просторија, а кај приредувачите на игрите на среќа во обложувачница се предлага со една издадена лиценца од Владата да може да се отворат 50 уплатни места и банкарска гаранција, односно депозит од 500.000 евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2018 22:00