Срамота е од Албанците да тргуваат со името Македонија, зошто тие не беа подготвени орлето на знамето да го поместат ни милиметар ниту лево, ниту десно, ниту погоре, ниту подоле за да се разликува од знамето на Република Албанија. Беа спремни да гинат, беа спремни војна да водиме и сега срамота е тие, па дури имаме и министри и потпретседатели на влада кои што преговараат за името на Република Македонија и тоа сметам дека е крајно некоректно, изјави претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски во емисијата „Отворено студио“ на телевизија НОВА.

Според него, Албанците се пример за непопусливост за разликување на знамето на Албанците од Република Македонија, од знамето на Албанците во Република Албанија. Тој додаде дека Албанците сугерираат да се прифати промена на името што според него како Македонец е некоректно, неприфатливо, нечовечно. Како што изјави за да има промена на името, да се интервенира во идентитетот, да се десеткува јазикот, црквата да има друга мајка е лошо за соживотот.

Јакимовски додаде дека никој Македонец не треба да прифати да се разговара за промена на името на Република Македонија.

Најголемата наша придобивка е како мал народ е што сме биле на страна на антифашистичките сили, пазете на страната на победникот на најголемото зло на 20-тиот век и ние сега од таа придобивка се откажуваме, кажа Јакимовски.

Јакимовски запраша ако се откажеме од сите историски придобивки тогаш ние како мал народ на што ќе се темели нашата историја? Дали тогаш доаѓа тезата дека ние сме творба на коминтерната и дали тогаш се потврдуваат исказите на некои бугарски политичари дека Македонците и Бугарите се еден народ кој живее на територија на две држави?



Автор: Администратор
Објавено на: 04/01/2018 22:03