Од АХВ посочуваат дека се засилени контролите на граничните премини од инспекциските служби на Агенцијата, со цел спречување на евентуален влез во земјава на пратки со месо од Бразил, кои потекнуваат од објекти кои се забранети за извоз.
На бразилската компанија Seara Alimentos LTDA, која извезува месо и во Република Македонија, и е одземена лиценцата за извоз и е избришана од регистарот на овластени извозници на месо од Бразил, информира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Информацијата, како што соопштуваат од АХВ, е добиена преку Министерството за надворешни работи каде пристигнало известување од дипломатско конзуларното претставништво на Федерална Република Бразил во Софија дека на компанијата и е одземена лиценцата за извоз и оти е избришана од регистарот на овластени извозници на месо.
Од АХВ посочуваат дека се засилени контролите на граничните премини од инспекциските служби на Агенцијата, со цел спречување на евентуален влез во земјава на пратки со месо од Бразил, кои потекнуваат од објекти кои се забранети за извоз.
- Како одговорна институција за безбедноста на храната ја информираме јавноста дека по минатогодишните случувања и истрагите во месната индустрија во Бразил, АХВ е во постојана комуникација со амбасадата на Република Македонија во оваа јужноамериканска земја, со која се разменуваат информации за случувањата во месната индустрија, за што се информираат и стопанските комори во земјава. Увозот на месо во Македонија се врши исклучиво од одобрени земји за увоз и од одобрени објекти, се вели во соопштението од АХВ и се додава дека секоја пратка задолжително е пропратена со ветеринарно здравствен сертификат со кој се гарантира безбедноста.