Немам намера ништо да продавам, ниту да купувам, ниту од мене некој побарал промена на имиња на патишта или аеродром. Можно е спорот за името до крајот на првата половина на 2018 година да се реши преку компромис, за што постои подготвеност кај двете страни суштински да навлезат во решавање на проблемот, оценува премиерот Зоран Заев во интервју за порталот МКД.МК.
Запрашан до каде е подготвена Македонија да оди во компромисот премиерот Заев вели до таму до каде што придобивката ќе биде вредност плус за Македонија и до каде што ќе оди и Република Грција во компромисот.
– Двете страни мора да направат отстапки, а со тоа да создадат придобивки, за на крајот да си подадеме рака и да се видиме како партнери под европското знаме. Потсетувам дека за ова прашање ќе бараме национален консензус, учество и согласност од политичките фактори и, се разбира, од граѓаните. Мојот оптимизам го темелам на основа на тоа што го чувствувам како подготвеност од грчка страна, и преку средбите со Коѕијас, но и од разговорот што го имав со премиерот Ципрас и како генерална оцена на политичката фела во Грција. Драго ми е што е подобрен имиџот на Македонија во Грција. Верувам дека ќе можеме со целосно зачувување на нашиот дигнитет да најдеме решение, вели Заев.
Според него, сѐ уште не е дојден моментот да се разговара по предлози, но очекувано е да има чести сесии, за наоѓање решение на проблемот со името.
Посочува дека за да има некое решение, треба да има отстапки од двете страни, или двете да бидат подеднакво среќни, или двете да бидат подеднакво несреќни. Но, вели, решение треба да има.
– Јас сум среќен што доаѓаат и позитивни пораки од Грција и дека тие се поприлично многу поподготвени за решение од порано. Македонија е исто така поприлично поподготвена и тоа го покажуваме, веројатно со извлечени поуки од минатото, колку тоа ја чини државата со губење на младите, со миграциите, со застоите во севкупните процеси. Тоа се само причини и за нас и за Грција да се направат максимални напори да се најде решение. Тоа што е ново е градењето на пријателство и недозволувањето на кои било причини од наша страна да бидат за нив изговор за нерешавање на проблемот. Истовремено, среќен сум што и грчката страна навистина е внимателна. Сето тоа дава надеж и оптимизам дека можеме, ако бидеме доволно храбри и доволно родољуби кон своите земји и доволно со погледи кон перспективите и иднината, да ја преземеме одговорноста и да го решиме ова, оценува Заев.
За тоа што ќе се случи доколку не се реши спорот до крајот на јуни, Заев вели дека и не помислува дека нема да се реши, но ако не се реши, тогаш, додава, наместо ние во Европа, ќе мора Европа да ја донесеме овде.
Заев потврдува дека останува на определбата овој проблем да се решава заедно со опозицијата и со претседателот, но во функција на наоѓање решение и заедничко спроведување на референдум за потврда од граѓаните, а не во функција на пролонгирање или блокирање на овој процес.