Скопскиот огранок на Движењето Беса денеска одржа состанок на кој донесе одлука за разрешување на лидерот Билал Касами. Според нив, тој е најодговорен за политичкиот пад на Беса. Партијата, според нив, до новиот Конгрес ќе ја води пратеникот Неџбедин Каремани.

„На овој состанок централниот совет дискутираше и за одговорноста на претседателот на движењето, за резултатите на локалните избори и одговорноста за блокирањето на сите органи во текот на овие два месеца од страна на претседателот и непочитувањето на статутот на партијата од негова страна. Поради ова Централниот одбор на движењето Беса со мнозинство гласови одлучи да го разреши Билал Касами од функцијата претседател“, изјави Орхан Муртезани.

Во исто време денеска се одржал состанок и на тетовското крило на Беса, кој пак соопшти дека донел одлука на 24 февруари да се одржи првиот конгрес на партијата, на чие чело дотогаш да биде Касами.

Со одлука на ЦС, формирана е комисија за организирање на конгресот, која ќе биде составена од 7 членови, а до одржување на конгресот партијата ќе ја води досегашниот претседател Билал Касами.

Комисијата за организирање на конгресот ќе има улога да го набљудува процесот на внатрепартиските избори и целиот процес се до денот на одржување на конгресот.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/01/2018 19:49