Портпаролот на Движењето Беса, Абдуш Демири денеска информираше дека, членовите на Централниот одбор што вчера одржале неформален состанок во Скопје биле поканети да присуствуваат на состанокот на Централниот совет на Движењето Беса во Тетово.
– Последните информации ни беа дека тие ќе дојдат, но во последен час слушнавме дека тие одржуваат некој неформален состанок во Скопје, на кој што донеле нелегитимни одлуки. Централниот совет и Движењето Беса се овде во Тетово – изјави Демири.
Во однос на посебните одлуки во Скопје и во Тетово за одржување на прв Конгрес на Беса, Демири рече дека не може да коментира неформални состаноци и одлуки.
– Можам да коментирам само околу легалниот состанок на Централниот совет на Беса што се одржа во Тетово, на кој се одлучи дека, на 24 февруари ќе биде организиран првиот Конгрес на Движењето Беса и каде беше избрана комисија од седум членови која ќе го координира целиот процес за Конгресот. До Конгресот, Движењето Беса ќе го води досегашниот претседател Билал Касами – рече Демири.
Денеска и претседателката на Форумот на жени на Беса од Тетово, Хатије Етеми побара од пратеникот од тетовскиот регион Неџбедин Каремани, кој вчера на Централниот совет одржан во Скопје беше назначен привремено да ја води партијата, да ги почитува законските и легитимните органи на Беса и кажа оти претседател на партијата е Билал Касами.
– Бараме пратеникот Каремани, кој мандатот го доби од активистите од овие локални ограноци, да ги почитува законските и легитимните органи на Движењето Беса, да го почитува легитимниот претседател на Беса, Билал Касами, кој и му го отстапи пратеничкиот мандат на Каремани – изјави Етеми.
Вчера, опозициската партија Беса одржа два паралелни собири на највисокиот партиски орган, Централниот совет – еден во Скопје и друг во Тетово – на кои беа донесени дијаметрално спротивни одлуки.
На собирот во Скопје од лидерската позиција е сменет Билал Касами, заради „политичкиот пад на партијата“ и е најавен конгрес на 21 февруари, а во Тетово е донесена одлука за свикување Конгрес, три дена подоцна, до кој со партијата и натаму ќе раководи актуелниот лидер.
Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами пак, синоќа пријавил во полиција дека не може да влезе во седиштето на партијата во Скопје. Тој известил дека три часа бил спречен да влезе во просториите на партијата од страна на членови на обезбедување, кои не ги познавал.