По расколот во движењето Беса, денеска двете групи излегоа со информации во јавноста дека им било узурпирано седиштето на партијата во Скопје. Билал Касами, кој за дел од членството се` уште е претседател на движењето, влезе во партиското седиште во Скопје по два дена, додека избраниот в.д. претседател Неџбедин Каремани тврди дека насилници со кои бил Касами влегле во седиштето.

Во соопштението потпишано од в.д. претседателот на Беса и пратеник Неџмедин Каремани се обвинува дека денеска централното седиште на Движењето Беса во Скопје, кое било под заштита на компанија за обезбедување, било нападнато од вооружени лица, кои ја искршиле бравата и насилно влегле во нејзините простории.

- Се сомневам дека насилниците се некои екстремисти од Чаир и с. Ларце од Тетово, а во седиштето со нив дошол и веќе разрешениот претседател, Биљал Касами - се наведува во соопштението.

Апсолутното мнозинство на движењето Беса, како што се наведува, го осудува овој насилен чин и очекува од безбедносните органи да го расветлат настанот и причинителите на, како што стои, вандализмот да одговараат пред правосудните органите.

- Притоа уште еднаш нагласуваме дека не е ова јавниот дискурс кој ние сме го поставиле, не се овие вредностите кои ние сме ги промовирале и ова е потполно во спротивност со целата идеја на Движењето Беса. Нам ни е жал што Биљал Касами во соработка со екстремисти од Чаир насилно ги крши не само канцелариите на Беса, туку најгрубо ги крши и вредностите кои Движењето Беса ги донесе на политичката сцена - се наведува во соопштението потпишано од Каремани.

Од друга страна, пак, претставникот за односи со јавност на Беса Абдуш Демири, денеска во Скопје одржа прес-конференција на која кажа дека Касами и неговите приврзаници два дена се обидувале да влезат во седиштето на партијата, но оти тоа им било оневозможено и оти внатре имало непознати и неовластени лица. Околу последните случувања во партијата за утре најави прес-конференција на Билал Касами.

- Веднаш ги информиравме компетентните институции да дојдат на лице место и да извршат увид бидејќи пред два дена го пријавивме случајот. Откако полициските екипи завршија со увидот за неколку дена ќе има и кривични пријави за сите инволвирани во узурпирањето на седиштето на движењето Беса во Скопје - изјави Демири.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2018 22:11