Пожар изби на еден од последните катови на Кулата Трамп во Њујорк,јавија американските медиуми.
Пожарникарите се обидуваат да го изгаснат огнот, а една екипа е и на кровот на кулата.
Противпожарната бригада на Њујорк соопшти дека има „мал пожар“ на Кулата Трамп, за кој претпоставуваат дека е предизвикан од дефект на инсталацијата.
Според првичните информации во инцидентот нема повредени лица.
Седиштето на бизнис империјата на американскиот претседател Доналд Трамп е облакодер од 58 катови во центарот на Менхетн, каде се наоѓа и домот на семејството Трамп. Покрај луксузни станови во Кулата Трамп во Њујорк голем број компании имаат свои седишта.
Првата дама на САД, Меланија и најмладиот син на Трамп, Барон, живееја во Кулата Трамп првите неколку месеци од претседателскиот мандат, се додека не се преселија во Белата куќа.
Во Кулата се наоѓаше и изборниот штаб на Трамп за време на претседателските избори.
Во Кулата Трамп станови или цели катови имаат и познатите ѕвезди, како Брус Вилис, бизнисменот Хуан Бекман Видал, сопственик на текилата „Хосе Куерво“, но и саудискиот принц Мутаиб бин Авудлазиз Ал Сауд.