Од движењето Беса преку соопштение потпишано од в.д претседателот Неџмедин Кахремани информираа дека денеска централното седиште на Беса во Скопје, било нападнато од вооружени лица, кои ја искршиле бравата и насилно влегле во нејзините простории.

„Се сомневаме дека насилниците се од Чаир и село Ларце од Тетово, а придружуван од тие лица, во седиштето дошол и веќе разрешениот претседател, Биљал Касами. Во името на членството на движењето Беса, во име на Централното претседателство, во име на Централниот совет и во име на апсолутното мнозинство на движењето Беса, ние го осудуваме овој насилен чин и очекуваме од безбедносните органи да го расветлат овој настан и причинителите на овој вандализам да одговараат пред правосудните органите“, се наведува во соопштението.

Од Беса велат дека ова е целосно во спротивност со целата идеја на Движењето и изразуваат жалење што Биљал Касами насилно ги крши не само канцелариите на Беса, туку како што велат од таму, најгрубо ги крши и вредностите кои движењето Беса ги донело на политичката сцена.

Претходно Билал Касами информираше дека во придружба на свои приврзаници денеска успеал да влезе во седиштето на партијата.

Касами вчера поднесе кривична пријава во полициска станица затоа што три часа не му било дозволено да влезе во просториите каде било ангажирано приватно обезбедување од страна на скопскиот огранок на Беса.

Претходно токму скопскиот огранок на Беса на посебен состанок донесе одлука да го разреши Касами од лидерското столче на партијата и го постави пратеникот Каремани за привремен претседател се до одржување на Конгресот во февруари.

Дел од членството бара Касами да ја прифати одговорноста за поразот на локалните избори на кои и тој директно загуби во трката за градоначалник на Тетово. Оставка од позицијата потпретседател си поднесе Зекирија Ибраими кој ја загуби трката за градоначалник на Чаир.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/01/2018 22:27