Грција претпочита сложено име што ќе ја разликува „ПЈРМ“ од грчка Македонија и кое ќе биде за севкупна употреба, изјави министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, јавува дописникот на МИА од Атина.
Во интервју за грчката ТВ Антена, Коѕијас детално и опширно говореше за прашањето за името и грчките позиции. Објасни дека коалицискиот партнер во владата Панос Каменос е против употребата на терминот Македонија, но на грчки јазик, рече дека во Грција не е потребно да се распише референдум, истакна дека за нашата земја веќе постои сложено име, а тоа е поранешна југословенска Република Македонија и порача дека без решение и договор не може да постои членство на НАТО.
Коментирајќи ги имињата објавени во медиумите како можни решенија за спорот, шефот на грчката дипломатија истакнува дека Владата во Атина има свој предлог што ќе биде изнесен во разговорите со властите во Скопје. Коѕијас вели дека целта на Атина е да се најде сложено име, кое може, но и не мора да биде со географска одредница. За името „Славо Македонија“, рече дека тоа е неприфатливо за Албанците кај нас и спомена одредени конкретни имиња од минатото.
- Исто така постојат низа предлози доставени од тогашниот министер за надворешни работи на Португалија, во 1992, или од Венс и Овен, кои предложија „Нова Македонија“ или како два збора или како еден. Овие предлози се заведени и се предмет по кој ќе го направиме нашиот избор и како владин кабинет стигнавме до нашите опции во разговорите што ќе ги имаме со официјалните лица од соседната земја. Повторувам, сложено име, едно, за сите употреби, рече Коѕијас.
Тој вели дека ја изразува позицијата на грчката влада, а ги објасни и ставовите на коалициониот партнер, лидерот на Независни Грци, Панос Каменос.
- Господинот Каменос рече, не дека не се согласува со употребата на терминот „Македонија“, туку не се согласува со употребата на терминот „Македонија“ на грчки јазик. Ова е многу важно. И треба да видиме како ова ќе произлезе од самите преговори, објасни Никос Коѕијас, пренесува МИА.
Во однос на евентуалното распишување референдум во Грција, шефот на грчката дипломатија, рече дека нема никаква причина за одржување на такво нешто, затоа што постои одговорна влада, постои мнозинство во грчкиот парламент и договорот ќе помине како што е предвидено.
Според Коѕијас, кој денеска во Атина треба да има средба со македонскиот вицепремиер за европски прашања Бујар Османи, референдум за името не е добро решение ниту за Македонија бидејќи постои можност евентуалниот договор да биде отфрлен, што би имало многу негативни последици за земјата. Нагласи дека дека и во 1995 беше договорено сложено име, без референдум.
- Времената спогодба во 1995 го даде сложеното име во кое е вклучен и терминот Македонија, односно поранешна југословенска Република Македонија, каде според мене се направи и голема грешка. „Поранешна југословенска“, да влезе пред Република, односно пред државното уредување, а не да се најде друг збор пред терминот Македонија. Ова име беше прифатено од мнозинството без референдум и без воопшто да помине во парламентот, рече министерот за надворешни работи на Грција.
Шефот на грчката дипломатија, вели дека некои погрешно сметаат дека треба да се најде ново име. Овој негов став, метафорично го објасни споредувајќи ја нашата земја со 25 годишна девојка, а не бебе кое сега се родило и треба да му се одреди име.
- Ова размислување, ја прави и следната грешка: смета дека сме на крштевка, односно дека бебето сега се роди и треба да го крштеваме. За жал, бебето има 25 години, веќе е крстено и ова бебе, сега доаѓа како млада госпоѓа..., рече Коѕијас, кој беше прекинат од новинарот со забелешка дека повеќе од 130 земји ја имаат прзнаено земјата под името Македонија.
Во однос на членство на Македонија во НАТО, Никос Коѕијас вели дека „власта на земјата пријател“, знае дека не може да се интегрира во меѓународни организации, без да постои решение за името, на што новинарот од Антена, побара одговор дали тоа значи ново вето и повторување на она што се случи во Букурешт.
- Скопје нема да се интегрира во НАТО, ако не постигнат договор за името, кусо одговори шефот на грчката дипломатија.
Коѕијас ја обвини најголемата грчка опозициска партија Нова демократија дека го создала проблемот со името, но во времето додека беше на власт не можела да го реши.
- Нова демократија, и сега како опозиција, не сака тој проблем да биде решен, вели Коѕијас.