Судот има единствена шанса да застане на страна на правдата и законот и да им сврти грб на притисокот и политички конструираните обвиненија. Судот има можност водејќи се по словото на законот да стави крај на оваа конструкција со која недолжни граѓани се обвинуваат за тероризам и да застане на страната на правдата.
Апелациониот суд мора да се издигне над дневната политика и притисокот. Судот не смее да биде соучесник во конструиран случај. Случај во кој се кршат законите и правата на човекот.
Незаконитоста ја предочи и Народниот правобранител. Прекршени се правата на граѓаните при нивното приведување, нивните права се кршат во истражниот затвор, а целата постапка е една огромна конструкција која служи само за втерување страв. Овие факти судот не смее да ги занемари.
Правосудните органи како репрезенти на третата власт се гарант за законитоста и Уставноста и почитувањата на човековите правда. Правосудните органи во интерес на правдата, демократијата, владеењето на правото и Евроатланските аспирации на државата, мора да се издигнат над партиските нарачки и да стават крај на овој политички прогон.
Власта и сите општествени чинители во Република Македонија мора да знаат дека државата нема да тргне ни милиметар кон ЕУ и НАТО се додека не се почитуваат законите, а институциите се злоупотребуваат за монтирање на кривични постапки против политички неистомисленици.
Конструкциите не смеат да се претворат во практика. Политичкиот прогон, злоупотребата на институциите и неоснованите притвори не смее да се претворат во начин на замолкнување на сите кои не мислат исто. Гушењето на демократијата и притварањето на оние кои имале храброст гласно да говорат против актуелните политики не е одлика на демократска власт.
Практиката на злоупотреба на институциите мора да запре во интерес на државата и нејзината иднина. Државата има потреба од силни и независни институции, заштитник на граѓаните и нивните права. Демократијата и правната држава се право на граѓаните и тоа не смее да им биде скратено.