Брајан Хојт Ји поднел оставка на местото помошник заменик на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, потврдува Стејт департментот за Ал џезира.
Во одговорот е наведено дека Хојт Ји ги известил колегите во американското Министерство за надворешни работи дека ги напушта досегашните должности.
На таа позција беше од 2013 година. Неофицијално, за негов наследник се спомнува некогашниот еф на мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, Џонатан Мур.
Во последното интервју за црногорскиот весник „Вијести“ Хојт Ји изјави дека САД и во 2018 ќе настојуваат да останат присутни на Балканот.
„Барем во последните 25 години САД се активен и важен партнер на Западниот Балкан и ние имаме намера тоа да го продолжиме и во иднина. Наша цел во мандатите на повеќе американски администрации беше да работиме со нашите партнери на зајакнување на демократските институции и спроведување на реформите неопходни за евро-атланска интеграција. Тоа останува наш приоритет и за во иднина“, рече Хојт Ји во интервјуто за црногорскиот весник.
Америка планира да го направи тоа, како што објаснува Ји, преку зајакнување на владеењето на правото во земјите од регионот, поттикнување на борбата против корупцијата и обезбедување транспарентност и одговорност на владите.
„Исто така ќе настојуваме за поддршка на силните независни гласови, вклучувајќи ги новинарите, невладините организации и други членови на граѓанското општество кои се стремат да се изградат општества кои се слободни, инклузивни и просперитетни“, додава американскиот дипломат.
Прашан што ќе стори Вашингтон за да ги спречи другите играчи, како што се Русија, Кина и Турција да го рашират своето влијание на Балканот, Хојт Ји потенцира дека САД и ЕУ во ниту еден момент не го тргнале својот фокус од Балканот и забележува дека дури и во последниве годнини ја интензивирале поддршката за безбедноста, стабилноста и економскиот развој на регионот.
„Сепак, владите во регионот може и треба да направат поголем и побрз напредок во 2018 година, односно да ги остават настрана секојдневните политички препукувања и подобро да ги искористат предностите и можностите кои ми ги обезбедуваат меѓународните партнери“, напоменува Хојт Ји.
„Ние веруваме дека иднината на регионот е на Запад… Во исто време, владите треба да се спротивстават на лажните пријателства кои им се нудат од некои странски актери што го игнорираат меѓународното право или се противат на западната ориентација на Балканот. Русија, на пример, покажа подготвеност да се меша во избори, да ги поткопа клучните институции на Западот, како што се НАТО и ЕУ, го користи снабдувањето со електрична енергија како политичко оружје и поттикнува слаба доверба во демократијата и слободниот пазар. Ние ќе продолжиме да им помагаме на нашите партнери да ја зајакнат отпорноста кон ваквите малигни влијанија“, истакнува Ји.