Трошоците на живот во 2017 година пораснале за 1,4, а цените на мало за 3,2 отсто во споредба со претходната 2016 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, пак, трошоците на живот лани во декември се зголемиле за 0,1 отсто во однос на претходниот месец, а цените на мало пораснале за 0,4 отсто.
Пораст на трошоците на живот во 2017 година е забележан во групите: Комуникации за 8,5 отсто, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 6,3, Транспорт за 5,5, Ресторани и хотели за 3,8, Облека и обувки, Рекреација и култура за еден, Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 0,5, Храна и безалкохолни пијалаци за 0,3 отсто. Намалување има во групите: Здравје и Останати стоки и услуги за 0,6 отсто, Образование за 0,3, Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2 отсто.
Пораст, пак, на цените на мало е забележан во групите: Услуги за 5,5 отсто, Индустриско-непрехранбени производи за 2,3, Земјоделски производи за 0,9 и Индустриско-прехранбени производи за 0,8 отсто. Групата Пијалаци е на ниво од претходната година.
Трошоците на живот лани во декември во споредба со истиот месец од 2016 година пораснале за 2,4 отсто, а цените на мало за 4,9 отсто.
Порастот на трошоците на живот во декември 2017 година, во споредба со претходниот месец, е резултат на повисоките цени на компирот за 1,8 отсто, јајцата за еден, сирењето и урдата, маслото и маснотиите за 0,7, оризот за 0,6, другите прехранбени производи за 0,4, трбушките, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 0,2 отсто.
Исто така, пораст на трошоците на живот е забележан и кај болничките услуги за 6,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 3,9, авионскиот превоз на патници и туристичките пакет-аранжмани за 2,1, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање, другите лични предмети за два, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 1,8, гасот за домаќинствата, градините, растенијата и цвеќињата и услугите за сместување за 1,2, средствата за чистење и одржување на станот за 0,8, поправките на мебелот, покуќнината и покривките за под за 0,7, услугите за култура за 0,5, текстилот за домаќинствата, услугите за рекреација и спорт за 0,4, цврстите горива, стаклените садови, кујнскиот прибор и другата опрема за домаќинствата, мотоциклите, домашните миленици и сродни производи и угостителските услуги за 0,2 отсто.
Намалување на трошоците на живот во декември 2017 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за два отсто, брашното и другите жита за 0,7, рибата и морските плодови за 0,5, свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 0,4, безалкохолните пијалаци за 0,3, другите пекарски производи, сувото овошје и јаткастите производи за 0,2 отсто.
Намалување на трошоците на живот е забележано и кај фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 5,2 отсто, обувките за 1,8, дисковите, касетите, дискетите, ЦД-ата, филмовите за 1,3, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема за еден, опремата за спорт, кампирање и рекреација во природа за 0,9, мебелот за домаќинствата, информатичката опрема за 0,6, големите електрични апарати за домаќинствата за 0,4, малите електрични апарати за домаќинствата, телефон и телефакс опремата за 0,2 отсто.