Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ одлучи дека нема да учествува во работата на Собранието се додека не се создадат услови за нормално, демократско функционирање на оваа институција

Во моментов нема демократски амбиент за работа во Собранието. Дванаесет проценти од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се уште се наоѓа во притвор, тоа се пет проценти од вкупниот број на пратеници кои се соочуваат со конструирано обвинение за тероризам.

Човековите права беа прекршени, а власта ги погази законите демонстрирајќи сила врз народните избраници.

Народниот правобранител недвосмислено констатираше дека при приведувањето на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Жаклина Пешевска на 28-ми ноември 2017 година е повредено правото на пратенички имунитет загарантирано со член 64 од Уставот на Република Македонија.

Народниот правобранител констатираше и дека полициските службеници не се придржувале до правните процедури за приведување определени со член 19 од Правилникот за начинот на вршење полициски работи, според кој доколку при приведувањето на лицето се повика на имунитет, полицискиот службеник откако ќе изврши проверка го прекинува апсењето.

Повеќе од јасно е дека надлежните сториле кривично дело по член 140 од Кривичниот закон кој предвидува соодветни санкции за противправно лишување од слобода.

Сето ова е доказ дека во Македонија имаме класичен политички прогон. Злоупотреба на институциите за пресметка со сите кои мислат поинаку и кои не се плашат гласно да се спротивстават на антидржавните политики на власта предводена од СДСМ.

Целата слика за недемократскиот амбиент во кој живееме се заокружува со фактот дека десетици други уметници, оперски пејачи, режисери, архитекти и останати се наоѓаат во притвор исто така со измислено обвинение за тероризам и без ниту еден правен аргумент во прилог на конструкцијата.

Власта е таа која треба да избере помеѓу реформите и просперитетот, од една страна и политичкиот прогон и пресметките со неистомислениците. Власта е таа која има одговорност да ги одреди приоритетите.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на денешната координација одлучи дека нема да учествува во работата на Собранието се додека не се создадат услови за нормално, демократско функционирање на оваа институција.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2018 00:23