Патријархот на Српската православна црква Иринеј, изјави синоќа во Бања Лука дека Србите треба да му бидат благодарни на Бога што им подарил човек каков што е претседателот Александар Вучиќ кој „лавовски се бори“ за српскиот народ.

– Му благодариме на Бога што ни подари човек кој лавовски се бори за српскиот народ, и посебно за маченичкото и страдално Косово и Метохија – изјави патријархот Иринеј.

Тој додаде дека се надева и му се моли на Господ да му даде на Вучиќ „сила и моќ да се спротистави на ветровите на нашето време“.

Митрополитот на црногорско-приморската епархија на СПЦ -Амфилохије за црногорски медиуми изјави пред два дена дека „…се плаши дека политиката на Александар Вучиќ води кон предавство на Србија и на Косово….“ и дека „Апелот за одбрана на Косово и Метохија“ – чиј потписник е и самиот тој, е напишан „..поради недовербата и комбинациите кои се прават“.

Претседателот Александар Вучиќ изјави дека до недела кога е „Стара Нова година“, нема да ги коментира изјавите на Амфилохије.

Српскиот патријарх Иринеј му заблагодари на Бога за тоа што на Република Српска им го дал претседателот Милорад Додик.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2018 01:03