ОТА не е ништо друго освен селење на УБК на друга локација – смета универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев.
Тој за време на денешната стручна расправа околу формирањето Оперативно техничка агенција, како посредно тело за ограничување на контролата на системите за прислушување во земјава, додаде дека не треба непотребно да се трошат пари.
Според него, доколку имало обиди за реформирање на правниот систем, тие го имаат заобиколено Министерството за внатрешни работи, кое смета дека треба прво да се реформира, а потоа и другите тела поврзани со МВР.
За екс директорот на Управата за безбедност и класифицирани информации, Александар Начев, невозможно е целосно да се спречи злоупотреба на системите за прислушување, иако според него, радува фактот што ќе се врши повеќе контрола од парламентарните комисии и формираниот инспекторат од граѓанскиот сектор.
Тој додава дека многу од препораките на Прибе не се вклучени во законските измени за следење на комуникациите, нешто за кое реагираше и самиот Прибе во вториот извештај.
За да биде доверливо функционирањето на ОТА, според Светлана Влаховиќ Димановска од МВР, треба повеќе тела да ја набљудуваат нејзината работа.
Повеќето учесници на стручната дебата, во организација на Европското Движење на Македонија, всушност побараа стопирање на законските измени за следење на комуникациите.