Името, употребата и иредентизмот, се трите точки како дел од националната линија на грчката опозициска Нова демократија, кои повторно ги спомена претседателот на партијата.

Кирјакос Мицотакис, јавува дописникот на МИА од Атина, во рамките на дводневната турнеја во Северна Грција говореше пред членови на партијата во Литохоро и се осврна и на прашањето за името.

Од неговите сопартијци побара да имаат доверба во него, како што имале доверба во Костас Караманлис во 2008 во Букурешт, кога била формирана и грчката црвена линија за името, позиција, што според Мицотакис и сега е непроменета, а се однесува на границите во кои едно решение би било прифатливо за Нова демократија.

- И денес, во целост е во сила истата национална линија. Ова не се однесува само на прашањето со името. Се однесува на прашањата за употребата на името она што го нарекуваме ерга омнес. Се однесува секако и на прашањата со иредентизмот и неприфатливите барања од соседите, кои ја навредуваат националната гордост не само на Македонците, туку и на Грците. И ова треба да запре, ако навистина сакаме да најдеме заемно прифатливо решение, објасни Мицотакис, пренесува МИА.

Претседателот на грчката опозициска партија, во неговото обраќање рече дека неслучајно одбрал да биде во конкретните градови во Северна Грција, во областа Македонија, поврзувајќи ја неговата турнеја со разговорите за името.

- Ова се денови кога знам многу добро дека нашите сонародници Македонците чувствуваат загриженост, но во исто се и во едно исчекување за решавање на националното прашање, рече Кирјакос Мицотакис.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2018 11:27