„Виз ер“, лани превезе 1,2 милиони патници на ниско-буџетните македонски авиолинии, што претставува пораст од 20 проценти на годишно ниво и поддржува 900 локални работни места во придружните индустрии.
Лани, компанијата ја прошири својата скопска флота на четири авиони и воведе четири нови авиолинии од Скопје до Будимпешта, Малта, Рим и Ваксјо.
– Како авиокомпанија со најголем удел во патничкиот авиосообраќај, очекуваме „Виз ер“ да продолжи со развојот на нивниот бизнис на македонскиот пазар, притоа инвестирајќи во нови дестинации и зголемување на фреквенциите на постојните авиолинии – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој.
„ТАВ Македонија“ лани ја заврши со 2 милиона патници (2.027.344) на скопскиот и охридскиот аеродром, што претставува пораст за 13 проценти споредено со 2016 година. Во исто време со порастот на патничкиот авиосообраќај, вкупниот број на летови на двата аеродрома во Скопје и во Охрид е зголемен за 7 отсто, достигнувајќи 18.130 летови во 2017 година.