Грчката национална компанија за производство на електрична енергија (Public Power Corporation - PPC), ППЦ потпиша писмо за намери за купување на Групацијата ЕДС и на сите нејзини подружници во Југоисточна Европа, соопшти денеска ЕДС.
Со оваа одлука, се наведува во соопштението, грчката ППЦ има намера да влезе и во бизнисот со трговија за електрична енергија што е новина за оваа компанија, којашто првпат ќе работи во овој сегмент од пазарот за електрична енергија и на овој начин го проширува своето портфолио.
Во соопштението се укажува дека преносот на удели е процедура којашто ќе се изведе согласно законите во државава, вклучително и обезбедувањето одобрение од Комисија за заштита на конкуренција. По завршувањето на сите процедури, ППЦ во целост ќе го преземе менаџирањето на ЕДС.
- Со финализирањето на договорот, ЕДС зад себе ќе има голема интегрирана енергетска компанија со сопствено производство на електрична енергија, со што ќе се зголеми конкурентноста на пазарот и ќе се обезбедат уште подобри услови на своите клиенти, стои во соопштението.
ППЦ е една од најголемите компании во Југоисточна Европа од областа на енергетиката со вкупна актива од повеќе од 15 милијарди евра и годишни приходи од над пет милијарди евра. Основната дејност на ППЦ е производство, дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Грција за 7,3 милиони потрошувачи и има пазарен удел од околу 85 проценти. ППЦ е сопственик и на ХЕДНО - Операторот на Дистрибутивната Мрежа во Грција и ППЦ Обновливи извори - една од компаниите пионери во Европа за производство на електрична енергија од обновливи извори.