Македонија е една и грчка, неколку пати повтори претседателот на Независни Грци во обраќањето на Националниот совет на партијата. Панос Каменос, кој воедно е и министер за одбрана, а неговата партија коалициски партнер во грчката влада, како прифатливо решение го предложи името Вардарска, кое, како што јавува дописникот на МИА од Атина, го изговори исто како што се изговара на македонски, и го спомена без никаква придавка или додавка.

– Да, посакуваме решение. Ќе направиме се за да ги убедиме. Но, постојат и словенски термини што може да ги користат и што ги прифаќаме, како што е Вардарска. И кое што во суштина е географска одредница што ја имаа пред да започнат историските пресврти, рече Каменос пред членовите на Националниот совет.

Аплауз од присутните изнудија деловите од говорот на лидерот на Независни Грци кои се однесуваа на името Македонија и потенцирањата дека терминот е еден и единствено грчки.

– Нема да отстапиме од грчкиот термин Македонија и секако грчки термин Македонија е и New Македонија и Upper Македонија и Долна Македонија и Горна Македонија. Македонија е една и грчка како што ја опиша Константинос Караманлис на аеродромот Македонија како претседател на Република Грција, рече претседателот на Независни Грци, пренесува МИА.

Панос Каменос, порача „северните соседи да разберат дека нивната единствена надеж и нивното единствено решение е да прифатат решение што нема да ја повредува Грција“.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2018 00:16