Двајца од тројцата основачи на Движење Беса, Африм Гаши и Скендер Реџепи – Зејди, на 4 јануари, од страна на Биљал Касами, се разрешени од нивните функции во Одборот и Централното раководство на партијата.

Третиот, Зеќирија Ибрахими, во знак на револт, самиот си поднесе оставка од овие позиции.

Во одлуката на Касами пишува дека Гаши спротивно на статутот на партијата, свикал и водел седница на Централниот одбор, а Зејди бил иницијатор на вонредниот состанок на Централниот одбор.

Во синоќешната емисија „Клик Плус“ на ТВ 21, претседателот на Беса објасни зошто не поднел оставка како што ветил во текот на кампањата. Како што вели тој, не е одговорен за негативниот резултат на партијата на изборите.

„Не го сменив тоа што сум го кажал, туку отидов чекор понатаму. Го свикав првиот конгрес на Беса што сметам дека е многу поважно отколку да дадам оставка. За три години во Беса дојде нов кадар што требаше да се тестира на парламентарните и локалните избори и одлучивме да го организираме првиот конгрес“, истакна Касами во интервјуто.

Ова резултираше со состанок на Централниот одбор што се одржа на 6 јануари во Скопје, предводен од Гаши и Зејди, на кој е разрешен Касами и за вршител на должност – претседател на партијата е избран Неџбедин Кахремани.

Од 64 присутни членови на Централниот одбор, оваа одлука ја потпишале 61, од вкупно 108 члена колку што брои Централниот одбор. Касами вели дека тие сакале да го преземат раководството на партијата и затоа е свикан конгресот на 24 февруари.

„Од моментот кога тие ќе преземат иницијатива за формирање на нова партија, тогаш со жалење можам да констатирам дека основачите на Движење Беса не се со мене. Јас сметам дека се уште има простор овие членови заедно со мене да ја продолжат оваа мисија која ја започнавме заедно“, порача Касами.

Иако претседателот Касами тврди дека нема раскол во партијата, туку станува збор за спротивставени идеи, фактите го покажуваат спротивното. Освен поделбата на два табора на раководството, документите покажуваат дека и парламентарната група на Беса не е на иста страна и против Касами гласале пратеникот Африм Гаши, Реџеп Мехмеди и Неџбедин Кахремани, додека во таборот на претседателот се Фадиљ Зендели и Теута Биљали.

„Јас и натаму велам дека пратениците на Движење Беса ќе бидат пратеници на оваа партија, додека самите не одлучат поинаку. Ќе дојде момент кога ќе присуствуваат и тие, бидејќи денеска тие имаа свои обврски и не присуствуваа на прес конференцијата и ќе дојде моментот кога ќе бидеме заедно“, изјави Касами.

Во меѓувреме, скопското крило на партијата најави дека ќе поднесе тужба до Управниот суд, со која ќе бараат, за привремен претседател на партијата да се впише Неџбедин Карамани.

Документацијата се подготвува, а од одлуката на судот ќе зависи дали оваа партија ќе опстане или ќе се подели. Карамани ја демантира изјавата на Касами, дадена по средбата со премиерот во владата, дека пратеничката група е единствена.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2018 00:29