Зголемување на бројот на туристи и ноќевања во ноември регистрираше Државниот завод за статистика.

Според податоците што денеска ги објави на својата веб страница, ДЗС наведува дека во ноември Македонија ја посетиле 50.869 туристи што е зголемување за 15,2 проценти во споредба со истиот месец во 2016 година. Зголемување за 18,1 процент има и кај бројот на ноќевањата кои во ноември изнесувале 115.749.

Подрастично зголемување има кај бројот на странски туристи, односно во ноември нивниот број е зголемен за 24,5 проценти во однос на ноември 2016 година, а бројот на домашни туристи е зголемен за 1,3 проценти. Следствено на тоа, поголемо зголемување има и кај ноќевањата на странските туристи, отколку кај ноќевањата на домашните туристи.

Во периодот јануари-ноември лани во однос на истиот период во 2016 година, бројот на туристи е зголемен за 16,3 проценти и тоа кај домашните туристи има зголемување за 5,7 отсто, а кај странските за 23,5 отсто. Кај ноќевањата е забележано зголемување од 12,2 отсто и тоа кај домашните туристи има зголемување за 4,6 проценти, а кај странските за 22,6 проценти.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2018 01:13