Македонија и Грција се близу до решавање на 25-годишниот спор за името на поранешната југословенска република, што ќе доведе до сериозни геополитички промени на Балканот. Во јули Скопје сигурно ќе добие покана за НАТО, а во 2019 година ќе стане 30-та членка на Алијансата, пишува денеска рускиот весник „Комерсант“.
Според рускиот весник, конечниот договор може да се постигне веќе следната недела, а земјата најверојатно ќе се нарекува Нова Македонија.
- Конечен договор може да се постигне следната недела во Њујорк, каде што на 17 јануари е закажана нова рунда преговори меѓу претставниците на двете земји под покровителство на медијаторот на ОН Метју Нимиц, пишува „Комерсант“.
Весникот натаму наведува дека „фактот што оваа рунда преговори има потенцијал да биде одлучувачка го покажуваат и резултатите од консултациите што оваа недела ги имаше македонскиот вицепремиер Бујар Османи во Атина“.
- Решавањето на дводеценискиот спор меѓу Скопје и Атина, не само што ќе го реши клучниот проблем во нивните билатерални односи, туку и ќе има сериозни геополитички последици за регионот - оценува руски „Комерсант“.
Весникот потсетува дека на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, земјите-членки ветија дека Македонија ќе добие автоматска покана за влез во Алијансата, штом ќе се реши спорот со Грција.
„Комерсант“ го наведува и историјатот на 25-годишниот спор, наведувајќи дека за да се приклучи кон ОН, земјата морало да се согласи, како што пишува, на „непријатното име Поранешна Југословенска Република Македонија, иако 130 земји ја признаваат како Македонија“.
- Но, Грција цврсто го блокираше патот на земјата кон НАТО и ЕУ, а грчко-македонските разговори за името од 1992 година не напредуваа ниту еден чекор. Светлината на крајот од тунелот се појави кон средината на минатата година, кога проевропската влада на Зоран Заев дојде на власт во Скопје. Новиот премиер вети решавање на спорот со Грција во 2018 година, и приклучување на земјата кон ЕУ и НАТО. Денес, исполнувањето на ова ветување стана сосема реално - заклучува руски „Комерсант“.