Владата на СДСМ економски и политички ја урива Македонија, а судот со денешната одлука влезе во сценариото на поддршка на катастрофалните политики кои водат во натамошно продлабочување на кризата и конфликтите. Отфрлањето на жалбите на одбраната и решението патриотите да останат во притвор е целосно правно неиздржано.

Притворените патриоти не се терористи! Уметниците, пратениците, полициските службеници и останатите притворени во врска со настаните од 27 април не сториле никаков терористички акт, немале намера да се сокријат од правдата, ниту пак влијаеле или имале намера да влијаат врз истрагата. Оперските пејачи, глумците, режисерите, архитектите, докторите и останатите се жртви на политички прогон само заради тоа што имаа храброст гласно да го искажат своето несогласување со антидржавните политики на власта.

Судот денес беше соучесник во уништувањето на правната држава. Судиите не собраа сили да се кренат над притисокот и политичките конструкции.

Одлуката на Апелациониот суд за продолжување на притворите на лицата од настаните од 27 април е скандалозна и не се темели на факти и докази, туку на гола политичка конструкција.

Правосудството во Македонија останува срам за Европа и целиот демократски свет. Десетици македонски патриоти се измачуваат и се влечат по притвори без основ, во политички конструиран процес. Не се почитуваат нивните основни човекови права.

Институциите денес паднаа на тестот за владеење на правото. Институциите покажаа дека Република Македонија ваква каква што е сега, нема капацитет за придвижување на државата кон Евроатланските структури. Институциите не покажаа минимум зрелост да работат за граѓаните, како што тоа им е наложено согласно закон и Устав.

Судот замижа пред сите факти и аргументи. Судот замижа пред извештајот на Народниот правобранител во кој јасно се вели дека полицијата извршила прекршување на законот при апсењето, со што директно извршила кривично дело од чл.140 од КЗ непочитувајќи ги имунитетот на пратениците, но и пресумпцијата на невиност.

Судот замижа пред сите докази и аргументи кои во изминатиов период преку медиумите излегуваа и во јавноста.

Правосудните органи треба да знаат дека мерката притвор е мерка за обезбедување на присуство, а не мерка која треба да се користи за изживување врз политичките неистомисленици. Судството не смее да биде алатка на политиката.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/01/2018 02:24