Зголемување на платите во јавниот сектор, исплата на К15, почитување на колективните договори – се дел од барањата на Синдикатот за образование, наука и култура кои денеска протестираа пред Владата на Република Македонија.
Стотици учесници го започнаа протестот од Порта Македонија, преку Министерството за правда, па половина час ги упатија нивните пораки пред Владата со блокирање на булеварот. Членовите на Конфедерацијата на слободни синдикати протестот го водеа под пароли за почитување на законите, почитување на гласот на работниците, за пристојна плата и пристојни услови за работа.
И членовите на Наставничкиот пленум ги имаат истите барања до надлежните. НО, го обвинуваат СОНК дека нема легитимитет да ги застапуваат интересите на вработените во образованието, а од таму возвратија со истото тврдење. Од пленумот велат дека Синдикатот за образование, наука и култура е “инструмент во рацете на политичката партија која им се раздолжуваше со сместување во разни управни одбори”, но од СОНК ги негираат овие тврдења и оценуваат дека ова соопштение на Наставничкиот пленум е клеветничко.
Денешниот протест се оддржа и покрај остварената средба на претставниците на синдикатите со потпретседателката на Владата Радмила Шеќеринска, и министрите Манчевски, Десковска и Царовска. На оваа средба биле образложени нивните барања а од Владата им посочиле дека во тек се анализи за покачување на коефициентите на вработените во одредени сектори, покрај договореното зголемување на платите на вработените во градинките. Надлежните бараат трпение од оваа група од јавниот сектор, а веќе и најавија дека од Буџетот за 2018 година е предвидено покачување на платите во образованието.
Од Синдикатот истакнуваат дека во овој момент не е доведен во прашање почетокот на второто полугодие од понеделник, но ако нивните барања не бидат исполнети по денешниот протест, ќе следуваат порадикални чекори, а не се исклучува ни штрајк.