Претседателот на владејачката ДУИ, Али Ахмети во четвртокот во Скопје се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој престојува во дводневна посета со своите соработници од Северноатлантската алијанса.

Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг рекол дека личната улога на Ахмети и на ДУИ е многу важна и му се заблагодари на лидерот на партијата за дадениот придонес во сите процеси во земјата, информираа по средбата од ДУИ.

Столтенберг, исто така, истакнал дека вратата на НАТО останува отворена и дал охрабрување за поттикнување и адресирање на реформите и прашањето за името на земјата.

Ахмети рекол дека НАТО има одлучувачка улога во земјата и регионот и ја спасил Македонија од бездната, придонесувајќи кон мирот, безбедноста и стабилноста, но и реформмите и демократските институции.

„Нашата слобода не е целосна без НАТО. Јас им оставам аманет на идните генерации да се благодарни и почитувачи на НАТО“, нагласил Ахмети.

Ахмети, исто така, дал уверување дека ДУИ останува кредибилен партнер на НАТО, САД, ЕУ и рече дека нашите напори за влез во Северноатлантската алијанса нема да застанат „бидејќи ова е нашата национална, стратешка, идеолошка волја“.

Ахмети и Столтенберг, исто така, разговарале и за геополитиката, улогата на Русија во Западен Балкан, реформите и за Рамковниот договор.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2018 23:08