Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ денеска се вратија во собраниските клупи за да присуствуваат на обраќањето на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, но најавија дека и натаму остануваат на ставот оти нема демократски услови и амбинет да учествуваат во работата на Собранието.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев изјави дека ставот на партијата во врска со ова прашање е познат и оти не може да се вратат во Собранието без да има нормализација на политичкиот дијалог.

- Имаме ситуација во која нема слобода во Македонија, опозицијата се прогонува, а десеттици луѓе невини лежат во затвор. Во тој дел ние аплелираме дека тој политички прогон треба да заврши, да прекине и да има нормализација на политичкиот дијалог во Македонија, но, Владата и парламентарното мозинство се тие кои ја имаат одговорноста, рече тој.

Најголемата опозициска партија од средината на декември не учествува во работата на македонското Собрание, откако претходно на шестмина нејзини пратеници им беше определен притвор за случувањата во Парламентот од 27 април минатата година.

Оттогаш тие беа во пратеничките клупи само за редовното годишно обраќање на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, и денеска за обраќањето на Столтенберг.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/01/2018 23:10