Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, денеска, заедно со дел од партиските членови од Куманово, го посети Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово и им го честиташе големиот христијански празник Богојавление-Водици на верниците. Тој посочи дека оваа е семеен празник и дека притворените треба да се дома со своите најблиски, посочувајќи ја една од притворените од Куманово, Елена Божиновска, за која рече дека е неправедно затворена и оти треба да биде дома со сопругот и децата.
- Генерално во државата имаме ситуација која воопшто не е добра, која се влошува по сите основи. Имаме ситуација во која Куманово е целосно заборавено од централната власт. Куманово многу направи за СДСМ, Куманово даде поддршка за СДСМ, но од централната власт, од Владата, од премиерот Заев, Куманово не го добива она што го заслужува, изјави Ѓорчев.
Тој додаде дека нема најави за проекти кои би се реализирале во градот, нагласувајќи дека граѓаните се разочарани. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, оцени дека економијата се влошува и во Куманово и во Крива Паланка која претхохно ја посетил, генерално и во државата.
Тој нагласи дека нема најави за нови фабрики, дека цената на дизелот е висока, акцизата е зголемена, дека нема раст на платите и пензии, оти само се затвораат луѓе, уметници, собраниски службеници, граѓани, полициски службеници, оценувајќи ја состојбата во државата како катастрофална и додавајќи дека граѓаните на Македонија на дневна основа се понижени.
Рече дека граѓаните генерално, и оние кои гласале за СДСМ се разочарани, оние кои пред година дена имале големи очекувања, оти очекувале плати, вработувања и нагласи дека револтот на граѓаните секојдневно се зголемува.