СДСМ уште еднаш ги излажа граѓаните и наместо да работи за да го подобри стандардот повторно им удри по џебот. Наместо намалување на давачките и враќање пари од данокот на додадена вредност како што ветуваа, тие сега на граѓаните им воведуваат дополнителни давачки со кои ќе им одземаат дополнителни средства за своето расипничко трошење.
Зоран Заев ветуваше дека кога ќе се врател животот, тие ќе враќале на крајот на годината до 30 000 денари на четиричлено семејство, а сега животот донесе двојно оданочување на оние кои макотрпно се трудат со своето знаење да заработат нешто повеќе за себе и семејството.
Имено, СДСМ почнува да ги оданочува сите физички лица кои имаат годишни приходи од 1 милион денари. Тоа е уште еден срамен потег на неспособната власт да ја полни буџетската каса со пари на граѓаните, наместо со проекти кои носат дополнителна вредност. Кога економијата стангнира, кога растот на бруто домашниот домашниот производ е зацементиран на нула, а нема странски инвестиции, СДСМ вообичаено удира по џебот на граѓаните.
Секој оној кој заработува годишно над 16.000 евра, СДСМ одлучува да го казни и да го задолжи да се регистрира и како ДДВ обврзник. На тој начин за секој остварен приход каде е исклучен персоналниот данок на доход ќе се плаќа и ДДВ. На овој начин физичките лица се ставаат во нерамномерна положба во однос на компаниите, бидејќи ќе бидат двојно оданочени, и со персонален данок на доход и со ДДВ.
Значи секој оној кој што заработува екстра околу 80.000 денари месечно, со двојното оданочување од персонален данок и ДДВ, на крајот на годината ќе биде оданочен со над 250.000 денари на вкупната сума од 12 месеци.
Дополнително, оваа година според законот, сите оние физички лица кои што нема да се пријават како ДДВ обврзници ќе платат казни во висина од 250 до 375 евра.
Повторно ги излажаа граѓаните. Пред да дојдат на власт велеа дека ќе го вратат прагот за оданочување на 2 милиони денари, а сега не само што не го вратија, туку и ги казнуваат оние што не се пријавиле како ДДВ обврзници.
Ваквиот начин на водење економска политика која е на штета на народот, само дополнително ќе ги дестимулира квалитетните кадри да продолжат својата егзистенција да ја гледаат во Македонија, а државата ќе почне уште повеќе да тоне во бесперспективност.
Ова е само уште една стратегија на СДСМ да ги исцица парите на граѓаните и да го наполни празниот Буџет. СДСМ удри директно по џебот на граѓаните.
Лошите економски политики кои што ги води СДСМ, ги осиромашуваат граѓаните.