Во интервјуто за Сител телевизија вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев објаснува како и зошто дојде до продажбата на ЕДС на Грчкото државно електростопанство.

– ЕДС е снабдувач со електрична енергија и работи во девет земји и последната година се водеа интензивни разговори со компании од регионот, кои беа заинтересирани. Конечно, ППЦ односно Грчкото електростопанство да ја има најдобрата понуда не само во финансиски смисла, туку и во однос на перспективата на ЕДС и клиентите што ги има затоа што мене ми најважно оваа компанија како моја стартап компанија и понатаму да продолжи да работи- вели вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев во интервуто.

За цената и сите чекори, вели Анѓушев дека е направена врз основа на ревизорски извештај изработен од реномирани меѓународни ревизорски куќи ангажирани од сите страни што преговараа, и дека таа цена е многу фиксно детерминирана. Завршувајќи сека истата ќе биде јавно изнесена во неговиот анкетен лист за сите граѓани да можат да ја видат.

На прашањето дали е сомнително тоа што државна грчка компанија е заинтересирана да ја купи ЕДС, и тоа токму компанијата на вицепремиерот, Анѓушев одговара?

– Не, апсолутно не, затоа што државните компании се тие кои зад себе имаат производство. Па и ЕВН е државна компанија. Значи требаше да ја купи или компанија од Грција, од Бугарија, Албанија, Србија, Хрватска или Австрија. Регионален е пристапот. Ако беше купена од бугарска компанија ќе беше поврзано со договорот за добрососедство, ако беше албанска ќе беше поврзано со јазикот, ако беше српска ќе беше поврзано со црквата нешто. Тоа покажува колку ние сме затворени како држава, треба да ги отвориме процесите и да не ги мешаме работите на бизнисот со политиката. Стопанството мора да тече и да се развива. Ваквите обвинувања се малку несериозни и верувам дека тие што ги зборуваат малку и себе не си веруваат, ако си веруваат тогаш имаме сериозни проблеми. Тоа значи дека не знаат да направат разграничување и веруваат во некакви конспиративно – Белизе шеми. Јас прикажувам компании кои се македонски, транспарентни со платен данок, а не Белизе компании.

На прашањето за неодамнешната изјава за прифатливите решенија за името, Анѓушев рече:

Јас не сум дел од процесот не преговарање за името, тој се одвива во рамките на УН под медијаторство на господинот Нимиц и Министерството за надворешни работи. Јас и лично се познавам со Христијан Мицкоски, тој беше асистент на предмети на коишто јас бев професор и сега заедно соработуваме на како професори на истиот институт и искрено се надевам дека г. Мицоски не стои зад овие изјави и дека се тие некои одгласи во ВМРО од минатото и мојата изјавата беше дадена во поширок контекст. На прашањето на новинарот кое име е прифатливо јас реков, народот ќе одлучи кое име ќе биде прифатливо, а јас ќе го прифатам тоа .



Автор: Администратор
Објавено на: 21/01/2018 19:21