Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора бара измени на законските прописи кои го регулираат вработувањето работници во комуналните претпријатија на локално и на државно ниво.
– Постојните закони го отежнуваат вработувањето во еден дел, пред се при ангажирање сезонски работници, но и во други услови кога е потребно да се направат одредени поместувања поради работните активности на одредени работни позиции во компаниите – информираше претседателот на Здружението, Звонко Јованоски.
Од таму исто така ќе бараат интервенција во Законот за јавни набавки и активно вклучување во изработка на новиот закон за управување со отпад.
– Здружението ќе се вклучи во активностите околу донесувањето на новиот закон за управување со отпад кој е во почетна фаза и согласно укажувањата на Министерството за животна средина треба да се донесе до октомври годинава. Здружението има забелешки и на постојниот Закон за јавни набавки, согласно кој голем дел од тековните работи на комуналните претпријатија се отежнуваат. Проблемот е во понудената најниска цена која не соодветствува со квалитетот, како и во лимитот од 500 евра согласно кој може да се вршат интервентни набавки, што е многу мал износ – додаде Јованоски.