Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, синоќа во Дебар изјави дека АА и понатаму е отворена за преговори за нејзино враќање во Владата на премиерот Зоран Заев, но само ако се исполнат веќе познатите барања. Тој бара одговорност за корупцијата на сите партиски функционери без разлика од нивната етничка припадност.

– Имаме чести средби со меѓународните фактори во кои, исто така, често е барано да бидеме дел од Владата бидејќи без пратениците на Алијансата, Заев не можеше да изгласа Влада – рече Села.

Тој притоа нагласи дека е за продолжување на реформите бидејќи цврсто е уверен дека влезот во ЕУ и НАТО е клучна задача на земјата. Тој упати остри критики на адреса на ДУИ бидејќи, како што рече, нема сторено ништо за правата на Албанците.

Според него, на претстојните избори ДУИ ќе има катастрофален неуспех, додавајќи дека Алијансата е партија во која нема корумпирани функционери и очекува продолжување на зголемување на рејтингот.

– Сите анкети покажуваат дека кај Алијансата има рапиден раст на рејтингот и покрај тоа што сега е во опозиција – вели Села.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2018 20:39