Законот за јазици кој беше предложен од владата, а изгласан од парламентарното мнозинство предводено од СДСМ е неуставен, и практично неприменлив.

Со ова решение злоупотребено е и европското знаменце на законот, а воедно се придонесува и кон изградба на паралелен систем во државата, спротивно на правниот нормативен систем.

Со овој закон се надминува Уставот, се влијае и на менување на карактерот на државата притоа загрозувајќи го суверенитетот на истата и доведувајќи ја во прашање нејзината унитарност.

Законот за јазици Владата сака да го протурка на мала врата, без поширока консултација со стручната и експертска јавност која во голем дел се изјасни против. Воедно овој закон се носи и без присуство на опозицијата во Парламентот што укажува на штетноста на законското решение и неспремноста низ демократски амбиент да се носат решенија од кој корист ќе имаат сите граѓани во Република Македонија.

Истовремено со овој закон ќе се влијае и ќе се создаде еден гломазен и нефункционален систем, чија примена ќе има и практични потешкотии.

Предлагачот на овој закон е Владата на Република Македонија која е предводена од Зоран Заев, а негов потписник е заменик претседателот на владата, Радмила Шекеринска. ВМРО-ДПМНЕ ја повикува владата да го ПОВЛЕЧЕ ова штетно за државата и граѓаните противуставно законско решение. Притоа бараме да се формираат работни групи составени од претставници на сите парламентарни групи во Собранието на Република Македонија, со вклучување на експертска и стручна јавност од Правните факултети во државата, претставник од кабинетот на Претседателот на Република Македонија господинот Ѓорѓе Иванов, како и претставници од Македонската Академија на Науките и Уметностите и истите треба да работат на утврдување на потребата за носење на ваков закон и отстранување на неуставните елементи на законот за јазици.

Секое унапредување на правата на заедниците, треба да е во рамките на Уставот на Република Македонија и низ процес на консултации со релевантните субјекти и експертската јавност.

Oчекуваме разумен одговор од владата и однесување кое е во согласност со интересите на државата и сите нејзини граѓани. Потребен е дијалог за сите отворени прашања.

Вистинскиот натпревар и бенефит за граѓаните треба да е економијата, а не темите кои се злоупотребуваат од субјектите на власта и тоа за дневно политички теми. Вистинскиот фокус треба да се областите кои реално ќе го подобрат животот и ќе го унапредат животниот стандард на граѓаните кој во реалноста и понатаму опаѓа. Интегрирано општество ќе се постигне со економски напредок и инвестиции, со подобро образование, со подобро здравство. Не со теми кои ќе ја дефокусираат јавноста од реалните проблеми на граѓанинот.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/01/2018 21:02